Ако сакате да чувате пари во банка, најдобро е нив да ги држите во денари, и да ги орочите на период подолг од две години. Во тој случај каматата по годишна каматна стапка изнесува од 4,8 отсто, што е највисоката камата која во моментов може да се добие на депозити во македонскиот банкарски сектор. Ова го покажуваат најновите податоци што ги објави Народна банка на Македонија, кои се однесуваат на февруари годинава и се просечни камати кои важат за сите видови депозити во банкарскиот систем во земјава, и тоа и за новоодобрените, и за старите. Инаку, централната банка неодамна почна со нова методологија на пресметка на каматите.
Ако сакате да чувате пари во банка, најдобро е нив да ги држите во денари, и да ги орочите на период подолг од две години. Во тој случај каматата по годишна каматна стапка изнесува од 4,8 отсто, што е највисоката камата која во моментов може да се добие на депозити во македонскиот банкарски сектор.
Ова го покажуваат најновите податоци што ги објави Народна банка на Македонија, кои се однесуваат на февруари годинава и се просечни камати кои важат за сите видови депозити во банкарскиот систем во земјава, и тоа и за новоодобрените, и за старите. Инаку, централната банка неодамна почна со нова методологија на пресметка на каматите.
Она што е факт кој се однесува на граѓанското штедење, е дека каматните стапки на депозитите постојано се намалуваат, речиси на месечна основа. Но, тоа барем засега не ги колеба македонските граѓани да продолжат своите слободни пари многу повеќе да ги вложуваат во банките, наспроти другите форми на инвестирање, како што е на пример, берзанското работење.
За илустрација, само во февруари штедните влогови на граѓаните пораснале за нови 23 милиони евра, со што населението сега вкупно има заштеди во банките од 3,35 милијарди евра. Од овие пари поголемиот дел отпаѓа на штедење во денари, за кои и натаму е значајно повисока каматната стапка.
На крајот на февруари, каматата на денарските депозити без валутна клаузула на домаќинствата во просек во нашите банки изнесувала 3,3 отсто, што е ново намалување во однос на јануари, кога била 3,4 проценти.
Притоа, ако во денари за штедите депозити орочени до една година, каматата е 2,1 отсто, за влогови до две години е 4,2 проценти, и највисоката камата за штедење над две години, е 4,8 проценти.
Каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула се пониски, и во вториот месец од годинава биле за домаќинствата 2,9 отсто, наспроти 3,2 отсто во јануари.
Додека, пак, за штедењето во девизи, банките плаќаат уште пониски камати, кои во просек во февруари биле 1,5 отсто, исто како и во јануари.
Притоа, ако веќе се штеди во девизи, најдобро е тоа да биде во евра, за кои можело во февруари да се наплати камата по стапка од 1,6 отсто просечно, додека, пак, за влогови над две години, таа може да достигне до 2,8 отсто.
А, најнеисплатливо е да се вложува во долари, за кои за влогови над две години каматата е 1,2 отсто, а за депозити со помала рочност, таа е уште пониска и изнесува 0,3 отсто.
А каматите на кредитите, се далеку повисоки од оние на депозитите. На пример, за станбен денарски кредит без валутна клаузула, просекот во банките е дури 8,4 отсто. Највисока, притоа, е каматата за кредитите со рочност од една до пет години, дури 9,4 отсто. Иста камата од 8,4 отсто се плаќа и за денарските потрошувачки кредити.
А, за кредитите за други намени, како што сега се водат во НБМ, каматната стапка е 10 отсто.
Каматните стапки, пак, на девизните кредити за граѓаните биле 6,6 отсто во февруари, наспроти јануари со 6,7 отсто. Каматата на станбените кредити одобрени во евра во февруари била 6,2 отсто во просек, а на потрошувачките кредити 6,7 проценти.